Фото Коин – мобилна апликација што им помага на лицата со пречки во развојот да препознаваат пари

Мобилната апликација Фото Коин (Photo Coin) претставува иновативна алатка дизајнирана да им помогне на лицата со пречки во развојот да препознаваат пари и полесно да се снајдат во секојдневни финансиски ситуации. Едноставна за користење, апликацијата овозможува преку камерата на паметниот телефон да се “покаже” хартиена или метална валута, по што автоматски се прикажува и изговара вкупната вредност на средствата.

Апликацијата не само што препознава поединечни банкноти и монети, туку може да пресмета и збир на повеќе парични апоени – што ја прави особено корисна при купување, пресметување кусур или планирање на трошоци. За лицата со потешкотии во читањето, Фото Коин го претвора текстот во говор, дополнително олеснувајќи ја употребата.

Активум изработи видео во кое Давид нè води низ реална секојдневна ситуација во која ја користи апликацијата – покажувајќи колку Фото Коин може да направи разлика во животот на еден човек.  Погледнете го видеото на нашиот Ју Тјуб Канал: Учиме за пари со Давид и Photo Coin.

Проектот Фото Коин е поддржан преку програмата Еразмус+, К2 акција за стратешки партнерства во образованието на возрасни. Апликацијата е резултат на соработка помеѓу македонската организација Активум и полската организација Докта (Docta).