Проектот „Фото Коин“ нуди иновативни алатки за финансиско описменување на лица со потешкотии во учењето
Дали некогаш сте се запрашале што значат парите за една личност со интелектуална попреченост? Како таа вреднува, штеди или носи одлуки за трошоци? Финансиската писменост е клучна животна вештина – и мора да биде достапна за сите. Токму со оваа идеја започна проектот Фото Коин, иницијатива посветена на финансиско едуцирање на возрасни лица со интелектуална попреченост.
Како дел од проектот, организацијата Граѓански Центар Активум од Северна Македонија, во соработка со ДОКТА од Полска, креираше едукативно видео кое на едноставен и визуелен начин објаснува што се пари, зошто ни се потребни и како ги користиме во секојдневието.
🎥 Видеото можете да го погледнете тука:
„Пари – зошто ни требаат, како ги вреднуваме и како ги користиме – се прашања што секој човек треба да ги разбере, без оглед на когнитивните или образовните бариери. Со проектот ‘Фото Коин’ настојуваме да изградиме едноставни, разбирливи и достапни алатки што ќе им помогнат на луѓето со попреченост да стекнат самостојност и сигурност во секојдневниот живот,“ велат од Активум.
Самото видео е дел од низа на алатки и работилници насочени кон подобрување на финансиската писменост, а целта е да зборуваме за парите на јазик што е лесен за разбирање преку визуелни примери и ситуации од реалниот живот. Значењето на видеото е дека поттикнува дискусија, учење и практикување финансиски вештини и служи како ресурс за едукатори, негуватели, семејства и организации кои работат со лица со интелектиална попреченост.
Проектот Фото Коин е поддржан преку програмата Еразмус+, К2 акција за стратешки партнерства во образованието на возрасни, и опфаќа низа активности: работилници, визуелни материјали, мобилна апликација и практични вежби, сите прилагодени на потребите на лицата со интелектуална попреченост. Ова видео не е само информативно, туку и инспиративно – покажува дека со вистински пристап, сите можат да учат и напредуваат. Проектот продолжува и во наредните месеци со нови содржини и активности. Следете ги новостите од Активум и придружете се во креирањето поинклузивно општество каде што секој има пристап до знаење, алатки и можности.