Локални политики за вработување на младите во Западен Балкан – Од законска рамка до локални практични решенија е насловот на најновата публикација на Локалниот центар за демократија Суботица, Агенцијата за локална демократија Никшиќ и Здружението Активум од Куманово која опфаќа пресек на состојбите во која се наоѓаат локалните политики за вработување на младите во овие три града.
Според истражувањата во трите локални заедници (Суботица, Куманово и Никшиќ), најважните пречки со кои се соочуваат младите луѓе кои би сакале да започнат сопствен бизнис е недоволната поддршка за младите претприемачи во форма на ограничени советодавни услуги и поддршка за старт-апови, недостаток на простор за бизнис инкубатори, ниски владини субвенции, пречки за пристап до деловни финансии од приватни банки и финансиски институции, сложени административни процедури, несоодветен пристап до стручна поддршка и менторство, недостаток на деловни контакти меѓу младите, како и институционалната рамка која не е идеална. Координацијата на јавните политики, вклучувајќи ги и политиките за млади, е еден од клучните предуслови за нивно ефективно спроведување со соодветна законодавна и институционална рамка.
“Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан” е заеднички проект на Локалниот центар за демократија Суботица во соработка со Агенцијата за локална демократија Никшиќ и Здружението Активум Куманово. Проектот е поддржан од Регионалната Програма за Локална Демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската Унија (EU), и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP).