Во четврток на 26 декември во Центарот за култура Трајко Прокопиев во Куманово со почеток во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии кои го документираат и слават Старо и Ново Куманово, а истите ќе бидат промовирани и во вид на фото албум со разгледници.

Целта на изложбата е афирмација на локалната
култура, традиција, но и урбано живеење и секојдневие во Куманово низ
објективот на фотографите.
Ќе бидат изложени 20 фотографии кои беа дел од Конкурсот за фотографии
од старо и ново Куманово кој беше
објавен во рамки на проектот #Култура за Куманово #Куманово за Култура. На
конкурсот беа пријавени 181 фотографија од фотографи од Македонија и надвор од
неа. Стручно жири составено
од искусни фотографи, го стесни изборот на 20 фотографии кои ќе имате можност
да ги видите на изложбата, а три од нив
беа прогласени за најдобри фотографии пријавени на конкурсот и парично
наградени.
На
изложбата ќе биде промовиран и Фото албум со разгледници од најдобрите двасет
фотографии. Фото албумот ќе даде допринос за културна промоција на градот
Куманово во земјата и надвор од неа и претставува запис за сите нас и за
генерациите кои доаѓаат.
Годинава градот Куманово слави 500 години постоење и воедно е Град на
Културата за 2019та година. Преку организирањето на изложбата и изработката
на Фото албумот со разгледници од старо и ново Куманово, Граѓанскиот центар
АктивУм дава свој придонес во одбележувањето на јубилејот на градот Куманово.
Изложбата ќе биде отворена од 26 декември 2019 до 10 јануари 2020 година.
Изложбата е дел од проектот #Култура за Куманово# Куманово за култура,
поддржан од Регионалната програма за локална демократија во западен Балкан
(ReLOaD), финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за
развој на Обединети нации (УНДП) и ко-финансирана од општина Куманово.