Се одржа првата од вкупно 10-те тематски обуки наменети за членовите на Координативното тело за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија, на која учествуваа претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од трите локални самоуправи во Србија (Лебане, Власотинце, Сурдулица) и две во Северна Македонија (Куманово, Старо Нагоричане). Нивна цел е да ги обучат клучните локални актери во областа на креирање, спроведување, следење и евалуација на ефектите од развојните политики – планови, секторски стратегии, програми и проекти за локален економски развој.
Обуките се организираат во рамки на проектот за прекугранична соработка „Подобри можности прилагодени на потребите на неразвиените подрачја“, финансиран од Европската Унија и спроведен од НАЛЕД, Здружението на жени „Ружа“ (Србија), Фондацијата „Мир“ и Граѓанскиот центар „АктивУм“ (С. Македонија).
– Улогата на Координативното тело за прекугранична соработка подразбира давање придонес кон постигнување иден синергетски ефект преку формулирање на заеднички активности и мерки во пет општини, и тоа во делот на прекуграничната соработка Србија – Северна Македонија. Ова тело е формирано во средината на март 2022 година, кога и се одржа неговата конститутивна седница. Кога станува збор за самите обуки, тие имаат за цел да обезбедат поголемо поврзување и градење партнерства на петте општини преку запознавање и практична работа за улогата на претставниците на трите сектори и можностите за нивна соработка во процесот на креирање, спроведување, следење и евалуација на политиките за локален развој. Важна улога тука имаат и дискусиите и практичната работа на осмислување на заеднички активности и проекти и дефинирање на акциски план кој може да се спроведе на краток, среден или долг рок – изјави Дијана Спалевиќ, советник за регионален развој во НАЛЕД.
Како што е најавено, десетдневните обуки ќе се спроведуваат во фази, и тоа во периодот од 12 мај до 1 јули 2022 година и ги реализираат предавачи кои имаат повеќе од дваесет години професионално искуство и постигнати резултати во областите кои се предмет на обуките.