На 25ти Март, 2024, во Занатскиот Дом во Куманово, се случи завршниот настан на проектот “Think b4 you click – Кликни пред да размислиш” кој Граѓански Центар Активум заеднички го спроведуваше со ООУ Крсте Мисирков, од почетокот на школската година. Активностите на проектот беа насочени кон превенција и справување со онлајн булинг меѓу учениците во Куманово, а на самиот настан учество земаа голем број наставници, ученици, родители, но и поддржувачи од општината.
Г-ѓа Ивана Ѓорѓиевска, Претседател на Совет на општина Куманово се осврна на важноста од мултисекторскиот пристап и соработката меѓу училиштата и граѓанските организации во едукацијата на младите да препознаваат, но и да се охрабрат да пријават врсничко насилство.
Г-дин Александар Јовановиќ, Раководител на Сектор за образование во општина Куманово, даде осврт на состојбата со сајбер булинг во општината базирано на анкета која секторот за образование ја има спроведено во училиштата, активностите на училиштата во превенцијата на истото и важноста од континуитет во работата и примена на наученото.
Резултатите од проектот во рамки на училиштето ги презентираше г-ѓа Александра Стаменковска, Директор на ООУ “Крсте Мисирков”, а Г-дин Дејан Спасовски, Инспектор по компјутерски криминал од СВР Куманово, го сподели своето искуство во превентивната работа со учениците и наставниците, но и типовите на проблеми и решавање преку полициски постапки во општината.
На настанот чуество земаа и средношколците од драмската секција од гимназијата “Гоце Делчев”, кои спремија драмска сцена како вовед во темата сајбер насилство меѓу младите, по што беше промовирано и краткото едукативно видео “Размисли пред да кликнеш” кое можете да го погледнете на следниот линк:
Настанот беше заокружен со дружење и разговор со учениците, пиер едукатори од ООУ Крсте Мисирков кои учествуваа во активностите на проектот, и разгледување на ликовните творби кои ги изработија за време на работилниците за сајбер насилство.
Организацијата на настанот и проектните активности на “Think b4 you click – Кликни пред да размислиш” се финасиски поддржани од Фондација Отворено Општество Македонија.