Како дел од активностите за промоција и воспоставување на методологијата на
Поддржано Донесување на Одлуки кај лица со попреченост, Граѓански Центар
Активум, заедно со партнерите од Полска, Шпанија, Литванија и Грција, изработи
мултимедијален пакет на содржини наменети за лица со попреченост, нивни семејства
и едукатори/поддржувачи.
Самиот метод на Поддржувано Донесување на Одлуки претставува алатка за
поддршка на лица со попреченост да самостојно донесуваат одлуки во секојдневни
ситуации – што да се купи, што да се облече, како да се помине денот, но и во
посложени ситуации како дали да се пристапи кон одредена медицинска интервенција
и слично. Лицето кое сака да добие помош при донесувањето одлуки избира
доверливи советници – пријатели, членови на семејството, професионалци или тим од
луѓе. Советниците служат како поддржувачи и му помагаат на лицето со попреченост
да донесе свои конечни одлуки во различни животни ситуации.
ПДО може да го користи секое лице, со секаков вид, форма на попреченост или
состојба, вклучително и лица со ментални здравствени проблеми, хронични болести
или состојби на стареење.
Досега Активум и партнерите изработија низа на алатки како што се анализа на
ситуацијата, мобилна апликација Одлучувач, брошура во лесно читлива форма, Водич
со упатства, а со овој мултимедијален пакет на содржини ќе се заокружи пакетот на
едукативни материјали кои ќе служат како основа за воспоставување на
методологијата во сите организации кои работат со лица со попреченост и зајакнување
на нивната самостојност и автономија.
Самиот мултимедијален пакет содржи интерактивни презентации за едукатори
(Kahoot, Mentimetar), едукативни филмови со лица со интелектуална попреченост,
игри, тестови со повеќекратен избор или други анкети. Истиот може да се најде на
повеќе јазици на проектниот веб портал: http://decider-project.eu/
Сите наведени активности се изработуваат во рамки на проектот Одлучувач,
спроведуван во рамки на Еразмус+ програмата за образование на возрасни.