Младинската невработеност е еден од горливите проблеми со кои се соочува државата. Еден од начините да се надмине овој проблем претставува стимулирањето на младинското претприемништво. Во свет на интензивна глобализација и дигитализација, како и на технолошкиот развој, младите луѓе сè повеќе отстапуваат од традиционалните кариерни можности и начини на активирање на пазарот на труд. Присутен е зголемен интерес кај младите за отпочнување сопствен бизнис.
Здружението Граѓански центар Активум во рамки на регионалниот проект „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ изработи Водич за претприемништво и можности за вработување за млади од 15 до 29 години. Водичот е наменет за млади претприемачи поготвени да инвестираат во својата иднина и својата страст да ја претворат во успешен бизнис.
Кога го изработувавме Водичот тргнавме од идејата дека младите ги генерираат промените во општеството затоа Водичот содржи информации и совети како младиот човек успешно да го започне своето претприемничко патување, улогата на социјалните мрежи во градењето на успешен бизнис, едукација и обуки за подобрување на бизнис вештините, извори на финансирање на бизнис идејата, вмрежување и менторство, специјални програми за ранливи групи, а можете и преку своите иновативни идеи да помогнете во решавање на реални проблеми додека заработувате и со тоа бидете дел од социјално претприемништво.
“Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан” е заеднички проект на Локалниот центар за демократија Суботица во соработка со Агенцијата за локална демократија Никшиќ и Здружението Активум Куманово. Проектот е поддржан од Регионалната Програма за Локална Демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската Унија (EU), и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP).